Солена Торта


Како предјадење, со мезе, како лесна вечера, за доручек (тоа што останало од вчера, така ладно, без греење...). Набрзина додека стигнат гостите што се најавиле во последен момент... Едноставно а ефектно.










На македонски би можеле да ја наречеме пита и да завршиме работа. Ама со тоа, не само што на питата би и нанеле голема неправда, зашто овие солени торти се далеку од македонска пита, туку и би се изгубила смислата на ова мое ќоше, во кое би требало да ви илустрирам италијански рецепти, или јадења кои се вообичаени за италијанските домаќинки, без оглед од која страна на светот доаѓаат. Кога сме веќе кај потеклото, мајка на сите солени торти е француската quiche и особено нејзината варијанта quiche lorraine. Сите солени торти од тој вид имаат неколку заеднички елементи, се друго е слободна интерпретација и прашање на личен вкус и фантазија.

1. Тесто: може да биде лиснато или некое друго, процедурата е секогаш иста.

2. Фил, поточно тоа со што ќе го наполните тестото: Скоро секогаш содржи јајце (2-3) и некој млечен производ (павлака, урда, сирење) плус се друго што ќе ви падне на памет или што ви останало во фрижидер. Ако се работи за зеленчук треба прво да се запржи со малку зејтин. Ако се работи за сланина, може да се запржи без зејтин, колку да стане крцкава, или да се исече тенко и да се стави директно во смесата од јајца и павлака. Сирењето здробено (не рендано) секогаш е добар избор. Било каков кашкавал, подобро крупно рендан или на мали коцки. Изборот нема крај.


3. Нешто за шмек: сусам, афион...

Тортата може да биде отворена, така да се гледа филот кој во тој случај се подзапечува на површината, или поклопена со уште една кора од истото тесто.







Во вториот случај треба да се внимава филот да содржи крупни парчиња (зеленчук или месо) кои ќе му помогнат на јајцето да го задржи волуменот што го добива со печењето, во спротивно може да се случи кората тесто да го притисне филот и да добиеме “сплескана„ торта. Ако имате вишок тесто можете да направите ленти или други форми со кои ќе ја украсите тортата, особено ако е покриена.






И воопшто не заостанува зад нејзиното височество Пита.

Ваш коментар: