Gingerbread cookies или зачинети кекси




Вкусни колачиња кои со интензивниот мирис асоцираат на зима и празници .... Можат да се направат неколку дена порано и стојат долго.










состојки:
- 300 гр брашно
- 100 гр путер или маргарин
- 1/2 кесичка прашок за пециво
- 5 лажици шекер
- малку сол
- ванилин шекер
- 20 гр какао
- 2 лажици мед
- 1 јајце
- по 1/2 лажичка мелен ѓумбир, каранфилче, цимет и морско оревче
- рендана кора од лимон

Како и за претходното тесто за бисквити, и тука е многу важно тестото при месење да не се затопли многу. Прво ги ставаме сувите состојки - брашно, прашок за пециво, какао, шекер, сол и сите зачини. Не се плашите да додадете и повеке зачини, овие колачиња треба силно да мирисаат и вкусот да им биде појак од вообичаените кекси.


Потоа се додава путерот кој не треба да биде стопен туку само исечен на тенки листови. Кога путерот убаво ке се измеша со сувите состојки, се добива зрнесто тесто.

Можете да го мешате со миксер или со раце. Се додава медот и јајцето и се замесува тесто што нема да биде мазно и компактно, ке изгледа вака.


Тестото се витка во фолија и се остава во фрижидер неколку часа. Може да се чува во фрижидер до 5 дена и да се вади количина по потреба, не мора да се искористи одеднаш.




Кога ке решите да ги печете колачите, се зема еден дел од тестото и со сукало се шири на околу 3 мм дебелина. Со калупи се вадат форми какви сакате и се ставаат да се печат во плех обложен со хартија за печење.

Јас имав специјални модли за правење на новогодишни елки, ама за кекси можете да користите било која форма.



Се печат 10-12 мин на 190°C. 

Кога ке се извадат од рерна, сеуште се меки, кога ке се оладат стануваат тврди и крцкави
Кога кексите сосема ке се оладат, по желба се украсуваат со глазура која се прави од една белка измешана со 100 гр шекер во прав и сок од пола лимон. Глазурата се мати со миксер додека не стане густа и сјајна. Се става во кеса за шприц, оваа е само малку исечена на врвот за да може прецизно да се црта со глазурата по колачите.


Глазурата се суши 1 час.

Со калупчињата за елки и со глазура е направена оваа елка.


 Ако не сакате глазура, можете додека се печат да ги посипате со малку шекер кој од топлината ке се залепи за кексот, па ке му даде малку "свечен" изглед.
Ако се чуваат во метална кутија за кекси, долго време ке бидат крцкави и свежи.

Ваш коментар: