Тирамису

Неговото Височество Тирамису нема потреба од посебна најава.







Најкласичниот од сите рецепти предвидува:
- Бисквити Savoiardi (во недостаток на оригинални савојарди или некоја нивна верна имитација, може да се користи пандишпањ)
- 4 јајца
- 80 гр шеќер
- 500 гр Mascarpone (надвор од Италија постојат производи што служат како замена за Mascarpone. Тирамису без вистинско Mascarpone не заслужува да го носи тоа име)
- Кафе (се разбира, не турско)
- Ликер (оригиналниот рецепт бара слатко вино Marsala, но добро замена за него е рум или бренди)
- Какао во прав

Најкласичниот рецепт вика дека треба да се изматат жолчките со шеќерот додека не станат речиси бели. Маскарпонето треба да се замеша за да омекне и да се измеша со изматените жолчки, без миксер. Се додава ликерот и на крај се додава снегот од белки кој мора да биде многу цврст. Се меша внимателно за да не се “издуваат“ белките. Така го добивме кремот за Тирамису.
Класичниот рецепт предвидува бисквитите кои кратко сме ги натопиле во кафето (кратко затоа што вистинските савојарди многу брзо упиваат течност) да ги наредиме на дното од правоаголен сад со висина околу 6-7 цм. На така добиената подлога додаваме половина од кремот. Редиме уште еден ред натопени во кафе бисквити (овојпат не мора да се реди многу густо) и врз нив останатиот крем.  

Го измазнуваме кремот на површината и сето тоа го оставаме во фрижидер неколку часа. Пред послужување го посипуваме со какао, без претерување, да се гледа дека е само прав.
Кога кремот е направен како што треба, после неколку часа во фрижидер би требало да можете да исечете правилни коцкасти парчиња. Ако при спремањето забележите дека кремот не е доволно цврст, можете да ги наредите состојките во индивидуални порции, во широки и не многу високи чаши за сладолед. Може да се презентира и на сто други начини, најважно е да ги содржи оригиналните состојки: кремот, бисквитите или пандишпањот натопени во кафе и одозгора да биде посипано со какао. Само тогаш може да се нарече ТИРАМИСУ.

Ваш коментар: