Apple Pie – Пита од јаболка



Kоја е првата слика што ви паѓа на памет кога ќе слушнете Apple Pie? Јас веднаш се потсетувам на  цртаните филмови од американска продукција: од  баба му на Пајо Паторот, преку Џивџи и Том и Џери, па се до Гарфилд.  Не знам колку има вистина во тоа дека питата од јаболка е типичен десерт за типично неделно попладне во едно типично американско семејство,  но знам дека популарноста на оваа пита е сосема оправдана.



Рецептот што следи би требало да е оригиналниот. За една пита од јаболка потребно ви е:

За тестото: 
едно големо јајце (50гр)
550гр брашно
10гр сол
200гр путер
100гр вода
100гр шеќер

За филот:
1кг јаболки исечкани на кришки
100гр шеќер
малку цимет
25гр пченкарен скроб (може да се замени со 15-20гр брашно)
сок од половина лимон


Путерот треба да биде мек, но не стопен. Најдобро би било да го оставите на собна температура 30-60 мин претходно.  Измешајте го со миксер путерот со шеќерот и солта, потоа постепено додајте ја водата и јајцето. Смесата нема сосема да се изедначи, туку ќе изгледа вака:





 Потоа додајте го брашното и замесете го тестото додека не стане изедначено и еластично.

Јаболките излупете ги непосредно пред да ги употребите, во спротивно ќе потемнат. Исечете ги на тенки кришки, посипајте ги со шеќер и сокот од лимон, додајте цимет и измешајте.  

Тестото развлечете го во тенка кора: треба да подготвите два круга. Еден поголем со кој ќе обложите едно округло тавче од околу 24-26 цм дијаметар ( внимавајте да ви остане тесто и надвор од рабовите на тавчето) и еден помал кој ќе го употребите како капак.  На дното на тортата изронете трошки од леб или од суви бисквити, колку да ја покриете површината.

Во меѓувреме јаболките кои ги посипавте со шеќер и лимонов сок сигурно пуштиле малку вода. Истурете ја, но не целата. Непосредно пред да ги употребите, посипајте ги со пченкарниот скроб и измешајте добро. Тој ќе ја упие водата која јаболките ќе ја испуштаат за време на печењето и ќе се создаде вкусен густ сируп.

 


Ставете ја целата количина јаболки во плехчето обложено со тесто:  ќе ви се чини дека е премногу, но така треба.  Поставете го и другиот круг од тесто (пред да го направите тоа не е лошо да го избоцкате со вилушка за да ја пропушта пареата при печење),  добро запечатете ги рабовите, премачкајте со стопен путер и посипајте шеќер и цимет.  Печете на 180°C околу 1 час.







Оставете ја питата добро да се излади пред да ја извадите од тавчето. Можете да ја украсите со шеќер во прав или цимет.


Ваш коментар: