Chocolate chip cookies - американски бисквити


Лето е, време е за сладолед, за свежа салата, овошни коктели.... Кој сака сега да пали рерна?

Ако сепак некој од вас има потреба дополнително да си го згрее домот во овие топли летни денови, еве рецепт за овие типични американски бисквити со чоколадни парчиња што толку добро се слагаат со кафе или млеко, без оглед на годишното време.

За 3-4 плеха бисквити потребни ви се:
300 гр путер или маргарин
225 гр кафеав шеќер
5 јајца
30 гр мед
200 гр чоколадни топчиња или чоколадо за готвење исецкано на не многу ситни парчиња
450 гр брашно
6 гр прашок за пециво
Арома на ванилија
Малку сол


Оставете го путерот да дојде на собна температура и измешајте го со шеќерот, медот, аромата на ванилија и трошка сол, може и со миксер. Кога ќе биде добро измешано, додајте ги јајцата, едно по едно, со постојано мешање, па брашното и прашокот за пециво и на крај, трошките чоколадо.
Наредете мали купчиња од така добиената смеса на плех на кој сте ставиле хартија за печење и печете на 180 степени околу 15 минути.


Тоа е рецептот, според книга. Во бисквитите што ги гледате на сликите додадов и бело чоколадо со лешници исецкано на крупни парчиња и резултатот беше фантастичен.

Пробајте па кажете...


Ваш коментар: