Focaccia

Focaccia еден вид на италијанско лепче печено во плех. Постојат многу варијанти на ова лепче, а и пицата настанала како еден вид збогатена focaccia. Варијантите се однесуваат како на начинот на припрема на тестото, така и на изборот на додатоците. Класичната focaccia е зачинета само со маслиново масло и крупна сол, рузмарин или некоја друга  ароматична билка, а другите попознати варијанти се со кромид, компири, зелени маслинки или шери патлиџанчиња.




Јас решив мојата Focaccia да ја правам со црни маслинки и патлиџани. И со неколку ароматични зачини во тестото. 




За 4-6 лица потребно е:     

За тесто:
 - еден квасец (свеж или сув, сеедно)
- 1 дл млеко
- лажичка мед
-  600 гр брашно
- 1 лажичка сол
- 2,5 дл млака вода
- 1 дл маслинов зејтин
-  4 лажици свежи зачински билки (босилок, рузмарин, оригано, власац ....)
-  2 ситно сецкани чешниња лук

За посипување:
- неколку маслинки
- 1 дл маслинов зејтин
- 1 патлиџан, исечен на тенки кришки
- крупна сол

Млекото малку се загрева и во него се топи медот. Се додава квасецот и се остава 10-ина минути. 
Во еден поголем сад се меша брашното со сол, се додава маслиновото масло, растопениот квасец и полека се додава водата. Јас тоа го правам со миксер, нормално со додатокот за мешање на тесто. На крај се додаваат лукот и мешавината од зачини. Кога ке почне тестото да се одвојува од садот, се префрла на работна маса посипана со брашно и се меси најмалку 10 мин.  


Тестото се остава во поголем сад да "се одмори", на топло место, покриено со крпа, околу 1 час. За тоа време би требало да нарасне скоро дупло. Ако имате време, оваа постапка со месењето и одмарањето би требало да се повтори, ако немате време, не е многу голема грешка.




Распоредете го тестото во намастен плех. Рабовите треба да бидат малку подигнати. Ако сакате потенко тесто, оваа количина е доволна и за плех од шпорет, јас сакав да биде подебело и го ставив во помал плех.
Тестото треба малку да се згмечи со прстите, да се направат дупки (некој ги прави и со дршка од дрвена лажица). Се остава да стои 10-ина минути.
Маслинките, може цели или сецкани, се распоредуваат по тестото, се редат тенко исечените патлиџани, се полива со маслиново масло (кое ке се собере во дупките од тестото) и се посипува со крупна сол. 





Се пече 20-ина минути на 200 °C.

Ваш коментар: