Пилешки увијачи




Овој пилешки увијач можеби не изгледа толку елегантно како купечките или кафанските, ама еднакво е вкусен и многу полесно се прави.












За едно лице е сосема доволен еден увијач, значи едно парче пилешки стек. Јас ги купувам маринираните, немам некои предрасуди дека се од Бразил или од не знам каде, па затоа и не ставм многу зачини, за да не биде многу жестоко.

Значи, потребни ви се:

- пилешки стек (1 по особа)
- кашкавал - Едамер или некој што се топи, количина - по желба (дали сакате да се разлива или само малку да му даде шмек)
- кулен - 3-4 парчиња за еден увијач
- сенф
- зејтин
- зачини по желба - лук, чили, бибер, мајчина душица .....

Пилешкиот стек се сече на половина, ама не до крај и се отвара како книга. Се поклопува со кеса или хартија за печење и се чука неколку минути за да стане тенок, да може полесно да се витка.



Парче алуминиумска фолија се полива со зејтин, се става малку вегета и врз него се шири истолчениот пилешки стек. Се премачкува со сенф и врз него се редат кашкавалот и куленот. Се ставаат зачини по желба и се завиткува во ролна, која треба фино да се затвори со алуминиумската фолија. Целата процедура на правење на увијачот е прикажана ТУКА



Готовите увијачи се ставаат сад со 1/2 цм вода на дното и се печат 20-30 мин на 200-220°C. Треба да бидат добро затворени со фолијата, за да не изгорат или да не истече кашкавалот. Потоа се одмотува фолијата и увијачите се враќаат во тавчето, се поливаат со зејтин и по желба со малку бело вино и се допекуваат уште 15-ина минути на 180°C




Се сервираат со пире, со варен ориз, зеленчук или некој сос. 




Ваш коментар: