Millefoglie



1000 листови или Millefoglie или Милфеј народски кажано .....

Секогаш ми бил омилен колач, во Палма прекрасно ги прават, ама мислев дека е комплициран за правење. Пред некое време ги открив благодетите на користење готово лиснато тесто и сега правењето на  Millefoglie ми е "пис оф кејк"






Јас не користам мерки за овој колач затоа што е едноставен, печени кори од лиснато тесто, филувани со крем (класичната слаткарска крема), ама за помалку искусните овој пат ке ја измерам количината на состојките.

За еден колач од 10-12 убави парчиња е потребно

- едно пакување смрзнато лиснато тесто
- 3 жолчки
- 2 кесички пудинг од ванила
- 12 супени лажици шекер
- 5 полни супени лажици брашно
- 800 мл млеко
- 50 гр путер или маргарин
- ванилин шекер

Додека се одмрзнува лиснатото тесто се прави кремот. Се матат жолчките со 6 лажици шекер, се додаваат 2 кесички пудинг и 4-5 лажици брашно. Се матат со 200 мл млеко, да се добие густа смеса без грутки. Остатокот од млекото се става да се грее и му се додаваат преостанатите 6 лажици шекер и една кесичка ванилин шекер.
Смесата од јајца се додава во топлото млеко и со лажица или жица за матење се мати постојано, за да не загори. Треба да се добие густа крема која не паѓа од лажицата. Кога малку ке се олади, во кремата се додава и 50 гр изматен путер или маргарин.

Додека кремот се лади, се прават корите.

Од лиснатото тесто се меси правоаголна кора со дебелина од 3мм. Се сече на 3 ленти по должина и се печат од задната страна на плехот на хартија за печење.
Се печат 20 мин на 180°C.
Пред да се стават во рерна, лентите од лиснато тесто треба убаво да се избоцкаат со вилушка по целата површина за да не нараснат многу.

Јас направив 4 кори, ама оригиналниот рецепт за Millefoglie е со 3 кори.
На испечените кори со остар нож им се израмнуваат ивиците, да нема многу нерамнини. Тоа што ке остане се дроби на ситни парчиња и се чува за посипување на колачот.




Кога корите ке бидат ладни, се премачкуваат со кремата. Се става дебел слој на крема врз секоја кора.Се редат корите една врз друга.





Најгорната кора се премачкува со тенок слој на крема, исто така и страните на колачот.






Со изронетите остатоци од корите, се посипува колачот од сите страни и се добива ефект како да е посипано се сецкани лешници и бадеми.
Се остава да стои на ладно неколку часа, за да се стегне кремата,  а корите треба да останат крцкави и суви.







Јас не можев да чекам неколку часа, вака изгледаше Millefoglie неколку минути после правењето. :))
Ваш коментар: