Пилешко во лиснато тесто




Интересна комбинација на пилешки стек и лиснато тесто, погодна за ручек, вечера или ненадејни гости.
Се јаде топло и ладно









Потребни состојки за 4 лица:
- 2 пилешки стека (бело месо)
- пакување лиснато тесто, готово, замрзнато
- лук, магдонос, Вегета, сол, бибер, кари, чили и малку цимет
- малку бело вино, околу 50мл
- 50 мл хопла или павлака
- рендан кашкавал, сецкани маслинки (по желба)

Пилешкото месо се сецка на ситни парчиња. Ако е маринирано треба да се внимава да не се става Вегета затоа што ке биде пресолено.
Во тава, на зејтин, се пропржува малку кромид (јас ставив праз, само малку, за мирис) и се додава сецканото месо. Се пржи додека месото не побели. Се додаваат зачините - бибер, лук, чили и кари.


Се додава белото вино, околу 50 - 100 мл и се остава да се динста додека виното не се редуцира (куварски израз за испарување, го научив на ТВ  :)))
Се става хопла или павлака и се вари уште 15 мин, да стане густо. Ако не е доволно густо, се става малку презла.
За да биде шаренко се става сецкан магдонос, сецкани зелени маслинки или нешто по ваша желба. Се остава да се олади.





Готовото лиснато тесто е практично, 20 мин се одмрзнува, со сукало се прави кора тенка околу 5мм, се посипува со рендан кашкавал и се става оладениот фил.






Внимателно се завиткува во ролат, треба убаво да се затворат краевите, да не може да истече филот.
Ролатот се става во подмачкан плех и се премачкува неколку пати со размутено јајце и се посипува со сусам.
Се пече на 220°C околу 30 мин или додека не добие убава златно браон боја.
Се остава малку да се олади за да се стегне филот и да може полесно да се сече.





Ваш коментар: