Новогодишни бисквити

Нема куќа во која за време на новогодишните и божиќните празници нема барем едно место во дневната соба во кое постојано има нешто слатко на дофат на рака.


За оние кои сакаат слатките задоволства да ги направат сами дома, следат неколку идеи за вкусни бисквити и интересни новогодишни декорации.







Бисквитите можете да ги направите според било кој рецепт, но доколку немате ваш испробан рецепт, откако ќе го пробате овој, нема веќе никогаш да посакате да пробате друг (освен можеби нашиот рецепт за gingercookies кој наскоро ќе го споделиме со вас)

-500 гр брашно тип 400. Идеално би било да употребите 350 гр брашно и 150 гр скроб (од компири или пченкарен) кој ги чини бисквитите особено меки, но не е задолжително.
-120 гр шеќер во прав
-16 гр прашок за пециво
-250 гр путер
-1 јајце
-арома на ванила

-За бисквити од какао, заменете 50 гр од брашното со 50 гр какао


Процедурата за мешање на состојките е идентична како онаа што ја опишавме во рецептот за крцкаво тесто.

Путерот кој сте го оставиле половина час на собна температура исечете го на коцки и измешајте го со брашното и прашокот за пециво (и какаото, доколку го користите). Можете да употребите миксер со спирални перки. Треба да добиете мешавина која потсеќа на мокар песок. Потоа додајте го шеќерот и на крај аромата и јајцето.



Кога ќе го измешате јајцето ќе имате впечаток дека смесата е премногу сува, но немојте да додавате никаква течност или друго јајце. Едноставно истурете ја смесата на работната површина и почнете да ја собирате со рацете. По кратко време таа ќе стане покомпактна и ќе успеете да ја соберете во топка која ќе ја обвиткате во пластична фолија и ќе ја оставите во фрижидер најмалку еден  час (најмногу 4-5 дена).

Земете дел од ладната смеса и кратко месете ja со рацете да омекне, да стане лесна за обликување. Но внимавајте да не ја загреете смесата, таа треба да биде ладна. Со сукало извлечете кора дебела околу 4мм. Доколку немате калапчиња со интересни форми, употребете чаша за тркалезни бисквити: новогодишниот дух ќе го додадеме подоцна, со декорациите.

Наредете ги така исечените бисквити на хартија за печење и печете ги 10-12 минути на 180 степени. Не чекајте да заруменат, иако се сеуште многу светли, тие ќе бидат добро испечени по 12 минути. Ако ги печете некоја минута повеќе од потребното ќе бидат вкусни но малку потврди.

Сега откако знаете како да подготвите тесто за вкусни бисквити, можеме да се посветиме на идеите за декорирање.
Ваш коментар: