Торта со јагоди

Почна сезоната на правење торти, колачи и други десерти со јагоди. Има безброј варијанти на торти и колачи со јагоди, јас лично највеке ги сакам тие што се комбинација на јагоди, крема и шлаг.















Кората за тортата се прави од белки. Во зависност од тоа каква торта ке правите (дали со 2 кори или со една, дали поголема или помала ...) ке си решите од колку белки ке ја правите.
Секогаш на една белка се ставаат 50 гр шекер.


За оваа торта употребив
за корите:
- 5 белки (најдобро ако се на собна температура)
- 250 гр. шекер
- една лажичка оцет
- една лажица брашно

за крема бр. 1 треба:
- 1/2 лит млеко
- 3 жолчки
- 3-4 лажици шекер
- 2 кесички ванилин шекер
- 3-4 лажици брашно
- 100 гр. путер или маргарин
- 150 гр хопла
- 500 гр јагоди (може и помалку)
за крема бр. 2 е потребно:
- 150 гр хопла
- 100 гр кисела павлака или милерам
За декорација:
- 2 белки
- 4 лажици шекер
- неколку јагоди



Најдобро е кората да се направи еден ден порано или бар неколку часа. Треба да се пече долго, односно да се суши неколку часа во рерна.
Се матат белките со миксер, со најголемата брзина и постепено се додава шекерот. Треба да се добие густа и цврста смеса.
После неколку минути матење се додава лажичката оцет и една лажица брашно и се мати со најмала брзина додека се измеша брашното.

На плехот се става хартија за печење и на неа со помош на тањир се црта круг. Со шприц или со лажица се ставаат матените белки на нацртаниот круг за кората да добие округла форма. Ако правите 2 кори за тортата, и ако се помали, можете двата круга да ги ставите на еден плех.
Се става во рерна на 160°C, се пече 3 мин и потоа температурата се намалува на 120°C и се остава да се суши околу 2 часа.
После 2 часа кората од надвор треба да биде многу тврда, а внатре ке остане мека. Ако белките испукаат при печење, не е страшно, подлогата за оваа торта може да се прави испукана или од кршени парчиња од кората.
После 2 часа сушење, најдобро е кората да се остави да се олади во исклучена рерна, затоа се препорачува белките да се печат еден ден порано.



Фил бр. 1
Класична крема, како за еклери или многу други торти.
Се матат жолчките и шекерот, се додаваат 3 големи лажици брашно и со еден дел од млекото се прави густа смеса, а другиот дел од млекото се става да се грее заедно со 2 кесички ванилин шекер. Јајцата се додаваат во стопленото млеко и се меша додека не стане густа крема, само треба да се внимава, може лесно да загори.
Кога кремата ке се олади, се додава и 100 гр маргарин или путер и добро се меша да нема грутки.
Посебно матиме 150 гр хопла, со 1 лажица шекер, додека не стане многу густа. Хоплата ја мешаме со изладената крема од јајца и тоа е жолтиот фил за тортата.

Фил бр. 2
150 гр хопла матиме со 1 лажица шекер, додека не се претвори во густ шлаг и во тоа додаваме 100 гр кисела павлака или милерам. Тоа е белиот фил.

Редење на тортата:
Врз едната кора од белки ставаме од жолтиот фил, врз него редиме сецкани јагоди и врз нив ставаме од белиот фил. Врз тоа се става втората кора од белки и се повторува филувањето.

На крај се прави цврст шлаг од 2 белки со 4 лажици шекер. Со шлагот се премачкува тортата и се украсува со јагоди.


Ми останаа неколку скршени парчиња од корите од белки, па со нив ја украсив тортата.

Пожелно е тортата да помине некое време во фрижидер, добро да се олади - ако можете да издржите :)))



Ваш коментар: